Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ донира учебници и едукативни материјали за децата од основните училишта во Општина Пустец, Мала Преспа во Р. Албанија. Тие деновиве им беа доделени на учениците од прво до четврто одделение во две училишта во оваа област: ОУ „Отпорот на Горичени“ во Долна Горица и  „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец.

Донацијата на „Арс Ламина – публикации“ од Скопје содржи повеќе од 860 изданија: меѓу кои се учебници и работни тетратки по математика и природни науки, едукативни помагала за во училница, картички и постери, во вкупна вредност од 341.160,00 денари. Со ова, учениците од Општина Пустец ќе добијат можност полесно да ги следат и да ги совладаат лекциите на часовите по математика и по природни науки – предметите за кои е предвидено наставата да се одржува на македонски јазик. Според законската регулатива во Албанија, образовниот процес во оваа област во Мала Преспа, каде што живее признато македонско малцинство, 60% од наставата треба да се одвива на македонски јазик.

На почетокот на новата учебна 2018/19 година издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ презема активности со кои ќе ги направи подостапни училишните материјали до најранливите социјални групи, донирајќи книги, учебници и дидактички помагала.