Заводот за третман на кардиоваскуларни заболувања од Охрид, по повод Светскиот ден на срцето што годинава се одбележува под мотото „И моето срце, и твоето срце“, синоќа целосно беше осветлен во црвено, како начин вработените од установата да испратат порака за потребата од подигање на свеста за подобра грижа за здравјето на срцето, дотолку повеќе што кардиоваскуларните заболувања и натаму се причина број еден за смртност кај нас и во светот.Светската здравствена организација годинава излезе со број од 17,5 милиони смртни случаи што настанале како последица на кардиоваскуларни заболувања.

Кардиолошкиот завод од Охрид е институција која организира континуирана едукација на пациентите за да се подигне свеста за кардиоваскуларните заболува, а со тоа да се подигне и нивото на грижа за здравјето. Лекарскиот тим на пациентите им делеше брошури и совети кои се однесуваат на сите аспекти на превенција на срцевите заболувања.

Активностите по повод „Светскиот ден на срцето“ ќе завршат со хуманитарен настан од кој средствата ќе се наменат за деца со здравствени проблеми од семејства кои се под социјален ризик.