Овој текст е за времето кога на младите им беше најважно да

„ СВРТАТ ЕДНО КРУГЧЕ ПРЕД ВАНИЛА “

Луѓето се менуваат, времињата се менуваат, градот се менува, животот се менува , но едно нешто што не може да се промени се спомените. Тие се врежани во емотивната меморија на секого и никој и ништо не може да ги промени.

Јас имав среќа да бидам дел од генерациите кои низ животот носи убави спомени од еден живот, на едно време  кои секогаш ни даваат сила за да се соочиме со животните предизвици. А ги има на претек.

Имав среќа да бидам дел од генерациите кои растевме се дружевме и забавувавме на едноставен и единстевн начин. И пред да дојдат првите клубчиња, првите забави во Дискотеките на Турист, Таверна, Мусандра и Панорама, средиштето на нашата забава и дружба се случуваше токму „Пред Ванила “.Таму пред познатата сендвичарница на Чичко Стоилко, од која ние од тие генерации сеуште го чуствуваме мирисот на сендвичите со две печени виршли, салата со зелка, пржени компирчиња и одозгора на се сенф. Ммммм……прсти да излижеш. А, ако го јадеш после завршени часови од гимназија дали од Јосип Броз или Корчагин вкусот е бесценет.

Градски трговски центар од пред Ванила

„Пред Ванила “ се случуваа првите скриени погледи, првите симпатии, првите заљубувања  а мнoгу од нив останаа и вечни. За многумина останаа само спомените  од таа за нас генерациска  вечност, која секогаш однова ја раскажуваме кога или каде е и да се сретнеме.

Сабота 18 часот, мора да си „Пред Ванила “. Затоа што тоа беше таа наша “шема“, тој наш здив на тинајџерските и младешките години. Многу беше важно дали „твоите“ се собираат кај чешмичката, или се од кај клупите или пред седвичарницата. Или можеби друштвото ти е од другата страна пред зградата на тогашна Пелагонија. Како и да е важно беше е да се појавиш таму на местото кое зрачеше со едноставност, љубов, другарство и најважно од се, со надеж.

за kulturno.mk Т.Гогоска