Македонскиот филм на Јани Бојаџи „Ругање со Христос“, македонската премиера ја имаше завчера во рамки на фестивалот „Киненова„ а од вчера според соопштението на Државниот правобранител ќе може слободно да се прикажува. Слобода за филмот од младиот режисер Јани Бојаџи.

Според режисерот, во филмот се испреплетуваат четири приказни кои се дел од воениот конфликт во Македонија од 2001-та. Ова филмско остварување, Министерството за култура го финансирало со близу 300 илајди евра на конкурс објавен во 2015-та година. Освен државата, во финансирањето учествува амбасадите на Шведска, Германија и Норвешка.

Државното правобранителство ваквата одлука ја објави преку соопштение испратено до државната информативна агенција и појаснува дека тоа е направено по дополнителните анализи.

– Од страна на Државниот правобранител после информацијата дека филмот веќе се емитува, констатирано е дека по однос на барањето нема веќе правна основа. Согласно ингеренциите, постапувањето на Државниот правобранител ќе биде насочено единствено кон заштита на имотните права на Република Македонија поврзани со исплатите на надоместокот за филмот од Буџетот на Република Македонија“, се наведува во соопштението.

Барањето за времена забрана за емитување на „Ругање со Христос“ го покрена Министерството за култура, кое учествува во финансирањето на филмот а кое по оваа одлука на Државното правобранителство  сеуште не се огласи.

Веста дека филмот „Ругање на Христа“ ќе може да се прикажува слободно, е вест со која уште еднаш победи уметноста над дневно-политичките интереси на поединци.

Филмот утревечер 9. октомври ќе се прикажува пред Штипската публика во Домот на културата „Ацо Шопов“.