Свеченото отворање на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“ се одржа вчеравечер во Градското кино „Милениум“ со проекција на  италијанскиот филм „По трагите на мојот татко“ (La pelle dell’orso) на режисерот Марко Сегато (Marco Segato).

Шестото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“  се одржува од 6-ти до 11-ти октомври 2018 на повеќе локации во Скопје. Овој фестивал е дел од големото семејство на Giffoni Experience, најголемиот и најважниот културен настан во светски рамки посветен на филмот и на развојот на културната и на социјалната зрелост децата и младите.

Шестдневната програма содржи богата понуда на долгометражни и краткометражни филмови, креативни работилници, мастер класови и низа други креативни и едукативни активности во кои ќе бидат вклучени 10 земји со учество од над 650 деца и млади на возраст од 10 до 19 години од кои околу 50 доаѓаат од странство. Младите учесници од странство за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите врсници од Македонија.

Главниот дел од програмата се состои од внимателно селектирани филмови за секоја од трите старосни групи, а децата, во улога на жири ќе ги одберат победниците во секоја од категориите.  Проекциите на долгометражни филмови ќе бидат проследени со дискусии поврзани со темата и проблематиката на филмот со цел да се поттикне дебатирањето и градењето на сопствени ставови кај младите.

Работилница за креативно пишување-Џифони 2017

Покрај главната филмска програма ќе има проекции на кратки филмови на млади автори, 12 различни работилници, средби со автори на филмовите, како и многу дополнителни настани и активности, како краткометражни и документарни филмови, презентации на разни невладини организации и други активности смислени специјално за младите учесници.

Темата на шестото издание на „Џифони Македонија“  е AQUA, латинскиот збор за ВОДА. Со почеток од оваа година, во следните три години фестивалот концепциски се посветува на екологијата и на грижата за животната средина. Како партнер на овој концепт ќе не придружува компанијата ПАКОМАК, непрофитна компанија чија дејност е управување со отпадот од пакувања. Очекуваме ова партнерство да помогне во подигањето на еколошката свест кај младата популација, а и кај нивните родители.

На 11 октомври (четврток) во Киното „Милениум“ ќе се одржи свеченото затварање на Фестивалот, на кое ќе бидат прогласени победничките филмови, а младите учесници ќе ги прикажат резултатите од работата на креативните работилници.

Учесници на Џифони 2017

За организацијата и реализацијата на активностите кои се одвиваат за време на фестивалот во Македонија е задолжено Здружението за медиумска писменост „Планет-М“.

Веќе 6 години реализацијата на овој фестивал е овозможена со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија, фестивалот Џифони Експириенс од Италија, Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за образование и наука, Италијанската Амбасада во Република Македонија, Кинотеката на Република Македонија, Младинскиот културен центар, како и сите училишта и општини на Град Скопје, како и многуте спонзори.