Буден Театар го најавува петтото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР, што ќе се одржи од 12ти до 14ти октомври на сцената на Драмски Театар Скопје. Преку мотото „Тука растат“ тематски дефинираната програма во фокус ја поставува екологијата и нашата одговорност да им обезбедиме на децата чиста и здрава животна средина. Како предвесник на фестивалот, Буден Театар ја спроведе кампањата „Мижи! Замисли промена.“, која ги повика децата и родителите преку споделување на фотографии на социјалните мрежи да мапираат еколошки проблеми и да замислат идеи за нивно надминување. Дел од испратените фотографии, со испишаните идеи за промена, се изложени на Камениот мост во Скопје.Главната програма на ФЕНЕР ќе прикаже четири меѓународни претстави, наменети за различни возрасти на деца: Во петок во 18.00 ч., фестивалот ќе биде отворен со словачкиот театар „Одиво“ кои ја носат „Аеро“, претстава-лабораторија за воздух, наменета за деца над 1,5 години. Придружете ни се во истражувањето или, пак, летањето. „Ленка“ (3+ години) е црвенокосото девојче, кое пристига заедно со Куклениот театар од Бјалисток, Полска. Таа се чувствува малку поинаква од другите и поради тоа е осамена. Петар Никл  доаѓа од Чешка и носи еден куп бубачки кои кога слушаат музика умеат да цртаат. Во „Бубачкување“, перформанс за сите возрасти, тој е нивниот диригент. Израелската уметница Мајан Јунман раскажува „Хартиена Приказна“ (5+ години).

Како дел од придружната програма во сабота се урбаните еколошки акции „Замисли промена“ преку кои ќе се реализираат три детски идеи за промена, дел од проектот „Мижи! Замисли промена“, поддржан од ФООМ. Неделата е посветена на проектот „Триаголници на соработка“, поддржан од Швајцарската Амбасада во Македонија, преку презентација во фоајето на Драмски Театар Скопје, а потоа се оди на Дестинација – Креација Матка.

„КОКО ДАШ“ од Србија, ќе го разубават Драмскиот Театар Скопје со интерактивната изложба „Дрвото кое недостасува“, која ќе биде поставена во текот на трите фестивалски денови.Билетите во продажба за претставите од главната програма можат да се најдат на билетарницата на Драмски Театар Скопје, по цена од 200.00 МКД. Активностите од придружната програма се бесплатни, а за Дестинација – Креација Матка потребно е пријавување на budnipretstavi@gmail.com.