На работилницата за креативно размислување поддржана од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, пет тима составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за реализација на своето иновативно решение за општествен проблем што го идентификуваа во својата заедница. Овој настан е дел од програмата АПШИФТ – прва од ваков вид во земјата – каде се комбинираат работилници за општествени иновации под водство на ментори, обезбедување материјали и основни финансиски средства, овозможувајќи им на младите да стекнат претприемачки вештини.

АПШИФТ се заснова врз методологијата „дизајн во чиј центар е човекот“ која е пренослива и може секојдневно да се користи во наставата и им помага на наставниците и учениците да научат како да поттикнат креативност и претприемништво со помош на докажани техники и надвор од работилницата. Наградените идеи се движат од иновативни начини за комбинирање велосипедизам со полнење на мобилни телефони, преку рециклирање и намалување на употребата на пластични шишиња, па сѐ до воведување здрава храна во училиштата и развивање  инклузивен центар за млади со попреченост.

„Нашата идеја се базира на две придобивки: еколошка и финансиска. Пресметавме дека учениците во нашето училиште фрлаат околу 4.000 пластични шишиња неделно и дека ако ги замениме со термоси, можеме заедно да заштедиме 80.000 денари неделно,“ велат Теодор, Филип и Дамјан од основното училиште „Владо Тасевски“, членови на победничкиот тим. „Веќе користиме разни стратегии за промовирање на новиот тренд меѓу нашите врсници, на пример изложуваме интересно дизајнирани термоси и  изработуваме видео, така што повеќето ученици веќе го следат примерот.“На локалниот повик за самоформирање на групи од млади на 13-19 годишна возраст за да осмислат иновативно решение за некаков општествен проблем беа примени скоро 100 апликации, а панелот од претставници на приватниот и јавниот сектор ги избра најдобрите 10 идеи.

Тимовите се собраа на дводневна работилница за креативно размислување со цел да ги развијат своите идеи под насока на ментори. На работилницата, младите добија помош околу совладување клучни вештини како што се критичко размислување, комуникација, тимска работа, претприемништво и управување со проекти. Тие добија насоки како да ги користат овие вештини за откривање и анализа на реални предизвици и проблеми со кои се соочуваат нивните заедници, и да понудат претприемачки решенија и бизнис-идеи за нивно решавање. Преку примена на разновидни техники младите успеваат подобро да го разберат проблемот на кој работат, да ги идентификуваат главните чинители и целните групи и да изготват прототип на нивните решенија кои понатаму ќе може да се доразвијат во бизнис план со помош на УПШИФТ ментори.

УНИЦЕФ и Фондот за иновации и технолошки развој се согласија да ја поддржат имплементацијата на уште два циклуси АПШИФТ до јуни 2019 година, при што следниот локален повик за самоформирани групи на млади на 13-19 годишна возраст треба да се објави во текот на овој месец.

Долгорочна цел е да се обезбеди поддршка за Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја воведе методологијата АПШИФТ во редовниот образовен систем и да ги подготви наставниците во наставата да користат докажани, практични техники за да помогнат секој ученик да се стекне со трајни вештини на 21 век.