Претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ ја освои наградата на жирито за најдобра претстава на 6. Интернационален театарски фестивал „Московски ноќи“, што од 5 до 9 октомври се одржа во Митишчинскиот театар за драма и комедија „Фест“ во Русија. Во жирито на фестивалот учествуваа познати руски театарски критичари и национални уметници – Елена Шанина, Татјана Тихоновец, Владислава Куприна и Андреј Пронин. На фестивалот беа изведени осум претстави, од кои, покрај Македонскиот народен театар, учествуваа шест руски и еден театар од Казахстан, соопшти МНТ.

 „Разговори во четири очи“ е копродукција на Македонскиот народен театар и „Скопје филм студио“. Работена е по текст на познатиот филмски и театарски автор Ингмар Бергман. Досега гостуваше на повеќе театарски фестивали во Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија. Во претставата играат Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов. Таа е на редовниот репертоар на Македонскиот народен театар, а македонската публика ќе може да ја гледа на 25 октомври на малата сцена во МНТ.