Отворена е изложбата „Префрлање на одговорноста“ на ликовниот уметник Сашо Станојковиќ во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата. Според авторот, изложбата е колоритна и дискурзивна архива на остатоците од Шарената револуција од 2016 година и резултат на неговиот истражувачки проект „Делиберативно културно наследство“  кој продолжува и по отворањето на изложбата.

Во рамките на овој проект, Станојковиќ во 2016 година поднел предлог- барање (петиција) остатоците од интервенциите со боја врз спомениците од проектот „Скопје 2014“ и врз други објекти во главниот град, за време на протестите наречени Шарена револуција, да бидат прогласени за културно наследство. На изложбата е презентирана претежно едностраната преписка со нереспонзивните институции што продолжи и по промената на власта,а ќе биде претставен дел од архивата што е составена од медиумските одгласи на Шарената револуција и од фотодокументација на единствените видливи колоритни интервенции што демонстрантите ги нанесоа врз некои објекти, а кои останаа неизбришани од претходната власт.

Според истражувањето на уметникот, трагите од овие, како што вели – „изливи на граѓанската волја“, сè уште се видливи на фасадите на девет објекти и врз еден споменик во центарот на Скопје. Тие претставуваат еден вид загрозени мултинационални и мултикултурни споменици на будењето на граѓанската свест за потребата од почитување на еднаквите права на сите граѓани. Авторот е магистер по ликовна уметност од областа на сликарството и досега имал повеќе од 10 самостојни изложби. „Префрлање на одговорноста“ е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и НУБ „Св. Климент Охридски“.