Вечер, во Малата сала на Центарот за култура во Битола, со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Мало фолио за театар“ од проф. д-р Иван Додовски. Промотори на изданието се: Владимир Милчин, режисер и Иван Јерчиќ, актер и директор на Народниот театар од Битола. Специјална гостинка на промоцијата ќе биде актерката Јоана Поповска, доајенка на македонското глумиште. Настанот ќе го модерира Искра Гешоска, културолог.

 „Мало фолио за театар“ од Иван Додовски содржи предговор, четири поглавја, прегледна театрографија и биографија на авторот, како и исцрпен индекс на имиња. Четирите поглавја се однесуваат на театарски критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа, кои авторот ги пишувал од 1993 година до денес. Собраните текстови, од кои некои за првпат се објавуваат во оваа книга, се однесуваат на најзначајните личности, појави и процеси во областа на драмата и театарот во независна Македонија, а меѓу нив особено за оние поврзани со градот Битола. Рецензентите на оваа книга, проф. д-р Александар Стерјовски и д-р Љубиша Никодиновски-Биш.