Во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп, вчеавечер пред Домот на културата „Марко Цепенков „ , со интересна огнена претстава беше отворен првиот уличен фестивал во овој град.

Фестивалот нуди бројни содржини, а целта е да го реактуелизира културното и народното наследство, преку  ликот на големиот собирач на народни умотворби и приказни Марко Цепенков. Идејата на организаторот е преку современи уметнички, технички, иновативни технологии, како сликарски, така и информатички, да се реактуелизира единствениот Марко Цепенков и да го претстават како урбан херој на  21-от век.

Фестивалот беше отворен со огнената претстава на групата „Агни“, а во овие три фестивалски денови, ќе има многу тематски содржини. Зумба часови, програми за деца, театарски работилници, работилница која ќе ја поврзи уметноста со технологијата, дневни кино претстави, студија за цртање мурали, концерти и студио за „body painting“, се содржините што на прилешчани ќе им ги понуди овој нов фестивал. Фестивал кој е несомнено спој на традицијата и современоста.