Од 12 до 14 во Охрид се одржува „Охрид гастро тур“ каде дел од манифестацијата се врвни светски готвачи – шефови со Мишелин ѕвездички. Овој настан има за цел подигнување на квалитетот, освежување на гастрономската понуда во охридските ресторани и угостителски објекти, индиректно и на севкупната туристичка понуда на Охрид како наша најпозната дестинација. Настанот од предвидува усовршување на локалните готвачи и шефови на кујни во презентација на локалната кујна преку одржување мастер-класови од страна на гостите. Исто така се работи и на зголемување на  свесноста кај консументите за тоа што значи врвна храна, различна од вообичаената понуда на менијата на угостителските објекти.

Во рамки на гастро-турата во кујната на ФТУ вчера се одржаа два мастер-класа од кои едниот за обука на триесеттина готвачи од угостителски објекти и хотели од градот, додека вториот насловен „хотел, концепција, успех“ беше наменет за менаџерите на угостителските објектите како насока во изготвувањето на гастрономската понуда и менијата. Креирањето локални менија во рамки на предвидените мастер-класови е исклучително важно во насока на развивањето на концептот „локализам“, како одговор на влијанието на глобализацијата врз локалната кујна.

Шефовите Џорџо Диана, Раду Занеску и Џорџо Костиќ заедно со локални шефови и готвачи ќе приготвуваат специјалитети базирани врз традиционалната македонска, поточно охридска кујна, со специфични, атрактивни имиња што ќе бидат бренд во гастрономската понуда, како „јагнешко во боите на есента“, „охридска пастрмка во ликот на езерото“, „охридска тврдина“ изработена од препознатливиот варен ѓеврек, суши од пастрмка, десерти врз основа на црковна пченица и слично.

Дел на гастро-турата ќе биде и презентација на отворено со приготвување јадења од локални продукти со техники карактеристични за азиската кујна, потоа специјалитети од морски плодови, како и Гала-вечер на која ќе биде презентирано брендираното мени приготвено од гостите-шефови.