Центарот за научни истражувања „ХАЕМУС“ од Скопје ја истражува Македонија во рамки на кампањата „Дестинација Македонија“, чија цел е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на земјата од различни периоди. Дел од активностите се неколку едукативни тури, од кои првата насловена „Отоманското наследство на Скопје“ ќе се одржи денеска. Следат „Палатите на старо Скопје“ на 21 октомври  и едукативната тура „По стапките на древните Римјани“ закажана на 28 октомври.

Сите тури се осмислени со цел учесниците да поминат низ искуство, знаење, интеракција и секако многу забава додека го запознаваат културното наследство на Република Македонија. Настаните се организираат под мотото на УНЕСКО за Отворени едукативни ресурси (ОЕР), а во рамките на Европската година на културното наследство. Дел од турите се поддржани со логистика од град Скопје, а за сите учесници се обезбедени обемни печатени водичи во издание на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.