Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест Вилсон – Македонија, со финансиска помош од компанијата ОКТА, по четврт пат ја организира хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2018“. Трката ќе се одржи на 21 октомври, недела, на кејот на реката Вардар, а собраните средства од котизацијата од учесниците во трката, ќе бидат искористени за одржување караван во повеќе градови низ Македонија, со цел поблиско запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано препознавање на болеста. Долготрајната цел на Здружението Вилсон – Македонија е да се подигне свеста за Вилсоновата болест и да се поттикне социјалната вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест. Под мотото Подај рака, трката ќе биде штафетна и ќе се трчаат 4 пати по еден километар, со што симболично се упатува повик до граѓаните за поддршка на хуманата димензија на оваа спортско рекреативна активност.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што води до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите. Таложењето на бакарот се одвива постепено со години, пред појавата на првите симптоми. Затоа раното откривање на болеста е од пресудно значење за лицата кои носат генетска предиспозиција за тоа, но не се свесни дека се носители на болеста. Навремено откривање на болеста и редовна терапија, овозможуваат нормален живот за пациентите со Вилсонова болест.

За учество во трката нема старосни ограничувања. Цената за регистрација за штафетната трка  изнесува 150 денари по учесник. Пријавувањето за трката и повеќе детали во врска со активностите за учесниците и сите заинтересирани поддржувачи се достапни на следниот линк.