Џифони” -Филмскиот фестивал за млади низ призмата на еден учесник во Работилницата за креативно пишување и филмско сценарио 

Пишува Мартин Луевски

Пред да одам на Џифони, разговарав со една моја другарка, со која се немав видено подолго време. Разговаравме за секојдневни теми, за како ни оди во училиште, како ни оди друштво и сето тоа. Во тој разговор и спомнав дека ќе одам на Џифони, а таа спомна дека никогаш не била на тој фестивал, но отсекогаш сакала бидејќи и личело на друг свет. Кога го слушнав тоа, се насмеав. Не ја сфатив сериозно затоа што сметав дека тој опис малку го преценува целиот настан.

Но неколку дена подоцна, кога седев во Кино Милениум на ,,свеченото”з атворање на овој шести филмски фестивал за млади овозможен од некои си Италијанци и додека ги слушав мизерните шеги на личноста позади мене со кои ги исмеваше јуниорите кои се потрудиле и направиле некаква претстава, се замислив малку околу зборовите на мојата другарка. Така замислен седев и сфатив дека на некој начин е во право. За тие 5 дена колку траеше фестивалот, моите рутини се променија и се чувствував како да сум на друго место… како да сум на друг свет. Тоа не значи дека Џифони е 10/10 искуство на кое ти запознаваш милјарда другари и после тоа сите заедно доживувате душевна нирвана. Џифони е далеку од тоа. Но се чувствував како да сум земал пауза од моето секојдневие и да сум дошол на друго место.

Прво, не идев на училиште, што секако нели е супер за багра дете ко мене кое го мрзи да учи. Но, јас Џифони ќе го памтам по тоа што прв пат имав место каде можам да давам филсмки критики пред поголема маса, место каде што со неколку познаници станав другар и место на кое посетив многу интересна работилница.

 

Џифони, е место каде што јадеш гага Силбо и пиеш Маја вода, место каде што волонтерите врискаат по тебе да се вратиш назад во кино салата за дискусија, место каде што не знаат да пуштат филм на проекторот и после пола час чекање филмот да е лош. Но, лошите филмови ми донесоа убави спомени, бидејќи на дискусиите пред сите можев да кажам што мислам за филмот. Моите негативни критики добија добар feedback од останатите деца. Убаво беше чувството да ги слушам аплаузите кога ќе искочев да кажам нешто за филмот. Бев на работилницата за пишување филмско сценарио. Таму си проаѓав најубаво. Иако не бевме многу деца, ама сите имавме многу интересни идеи.

Слушнав секакви идеи за филмови: некои од нив претенциозни, а некои од нив апсурдни и смешни. Без разлика какви и да беа, атмосферата во работилницата беше многу позитивна и затоа многу сработивме.  Ако барате препорака од мене дали да одите на Џифони, би ви рекол одете. Ќе видите некое филмче што најверојатно никогаш не би го виделе, може ќе дојде некој интересн гостин за Q&A, ќе си јадете силбо за беспари, ќе се зезате со другари или ако ништо друго можеби некоја личност што ја мразите ќе е исто таму и ќе имате шанса да ја запознаете подобро, па ќе имате уште повеќе причини да ја мразите.