Ви претставуваме поезија од новата книга на Елена  Пренџова, насловена „Шшш!“. Книгата ја доби наградата „Јован Котески“ за 2018 година.

Уредник на рубриката

Филип Димкоски

 

Елена Пренџова (1985, Скопје), е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки. Објавува книги поезија, а објавила и книга есеи за поезијата.

Уредничка е на Антологијата на млада авангардна македонска поезија и коуредничка на инклузивната антологија на македонските современи поетеси – Ова е моето последно молчење. Од 2012 година е активна членка на Друштвото на писатели на Македонија. Пренџова е и слемерка. Организира слем натпревари во градовите во Македонија, настапувала и во регионот и била претставничка за Македонија на Европскиот слем натпревар. Работи како лекторка по Англиски јазик за специфични потреби на универзитет и држи работилници по креативно пишување.

 

ЗАЕДНО ВО ОСАМАТА НА ЉУБОВТА

 ниедно изгрејсонце не боли толку

колку белите мугри по водењето љубов

и

ниеден дожд не е посилен

од поројот при заминувањето

 

додека постелите ни мирисаат

на испотени тела

чаршафите боцкаат

од скршениците на срцата

 

провевот ги одвејува спомените

зимата ги завејува чувствата

 

совршен пар сме –

заедно во осамата на љубовта

 

ТЕ БАРАМ МЕЃУ ПЕСОЧНИТЕ ЗРНА

помеѓу две пустини

океан

додека се двоумам

дали да препливам

од едното до другото

пустинско крајбрежје

те барам меѓу песочните зрна

помеѓу две пустини

океан

ти

затрупан во песочните зрна

 

НАШИТЕ КРШЛИВИ СРЦА НА ДЛАНКА –

НАШЕТО НАЈСИЛНО ОРУЖЈЕ

да си ги држиме срцата на дланка

тоа е нашата најеротска поза

љубов не мора да водиме

доволно е само за љубов да говориме

очите огледала да ни се

а иднината закана

 

не знам што ќе ми донесеше животот

ако во меѓувреме не те сретнав

можеби историја

можеби заборав

можеби најава за некоја нова иднина

неважно

оти нашите кршливи срца на дланка

ни се најсилното оружје против нас самите