„Борба, надеж, победа“ е насловот на вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, на кој првпат во Македонија ќе гостува врвниот австриски диригент Густав Кун.

Под палката на Кун, кој е основач и сценски директор на Тиролскиот фестивал во Ерл, ќе биде изведена Деветтата симфонија на Бетовен позната како „Химната на Европа“.

Покрај оркестарот на Филхармонијата, ќе учествуваат и солистите: Софи Горделадзе – сопран од Грузија, Џорџ Винсент-Хамфри – тенор од САД, Михаел Купфер – бас-баритон од Германија и Марта Лоти – мецосопран од Италија, како и Филхармонискиот хор „Светослав Обретенов“ од Бугарија и македонскиот хор „ПроАрс“.

Уште од  премиерата во Виена, на 9 мај 1824 година, кога Бетовен веќе бил сосема глув, диригирајќи без вистински контакт со музичарите поради што за малку бил избегнат дебакл, Симфонијата бр. 9 станала едно од најзначајните дела во музичката историја.

– „Деветтата“ не е само врвно достигнување на класицизмот и дело-водилка кон романтизмот, туку и супериорна композиција чии звуци се поистоветуваат со химна на човештвото и хуманизмот. Затоа ова дело е редовно присутно на концертните програми во светот, а нејзиниот четврти став, „Ода на радоста“ е усвоен од Советот на Европа во 1972 година и во Европската Унија се користи од 1986 година како химна на Европа, наведува Филхармонијата.