Разговорот за културно.мк го водеше: Филип Димкоски

Ја добивте наградата Гран при на годинешниот Еврофест 2018 кој се одржа на 28 септември во Крушево и на 29 септември во Скопје. Какво е чувството заради добиената висока награда и кои се вашите впечатоци од фестивалот?

Посебно ми е драго што го посетивме родното место и спомен куќата на Тоше Проески. Драго ми е дека сум единствен од учесниците кој изведе негова песна. Ја испеав песната „Једина“. Најголемо задоволство ми причини тоа што имав можност да го претставувам својот град Маглај и да бидам единствен претставник на Босна и Херцеговина на овој фестивал. Прекрасно е чувството да се пее во Крушево и во Скопје, а потоа да се слуша долг и топол аплауз. Искрено, не се надевав дека ќе освојам било каква награда, а најмалку оваа најпрестижната-Гран при, но морам да му се заблагодарам на интернационалното жири што во мене виделе најдобар интерпретатор на двете песни во натпреварувачкиот дел од програмата. Сѐ уште сум под импресии и неколку дена по завршувањето на Еврофест.

Мило ми е што многу членови од жирито во мене препознаа иден изведувач кој во иднина може да изгради убава кариера. Не сакам премногу да зборувам за иднината, но мојот животен повик е музиката, а пеењето составен дел од тоа. Прашањето е само колку сум далеку од солистичка кариера и дали  е можно да се направи некој поголем и поуспешен чекор. Се надевам дека тоа е можно. Добив многу покани за учество на други фестивали, а за тоа секако придонесе учеството на Еврофест. Можам да ви откријам дека во наредниов период ќе се посветам на снимање на мојата дуетска песна чија продукција ќе ја работи продуцентот Симе Младеновски, додека дуетот е планиран со македонската пејачка Мери Тодорова Младеновски. Од нив добив понуда за соработка за снимање на песна за македонската публика, а ќе направиме и англиска и босанкса верзија. Верувам дека песната ќе биде исто така добра како и нивната претходна песна за која исто така беа наградени на Еврофест, но и на други фестивали. Времето ќе покаже дали тоа е добар чекор и дали песната ќе допре до повеќе луѓе. Јас гледам позитивно на работите.

Првпат сте во Македонија. Какви впечатоци имате од престојот тука?

Кон Македонија тргнав со песната и стиховите „Таму каде сонцето вечно сјае“ и навистина е така. Ме огреа македонското сонце на мојот дваесет и втори роденден со освојувањето на Гран при наградата. Македонија е преубава земја, драго ми е дека граѓаните го чуваат својот идентитет и дека вашето знаме се виори на секој чекор. Тоа остава силен впечаток. Македонците се прекрасен народ. Во суштина не зборуваме ист јазик, но одлично се разбираме, особено преку песните.

Вие сте студент по соло пеење на Музичката академија во Сараево, повремено настапувате. Кој е ваш омилен музички жанр

Моментално сум студент во четврта година на Музичката академија при Универизтетот во Источно Сараево, на отсекот музичка теорија и педагогија. Со задоволство пеам забавни мелодии и настапувам, меѓутоа обврските околу факултетот не ми дозволуваат тоа често да го правам.

Секој ден ми почнува со песна, не е важно дали се работи за некој вид популарна музика или музика која ја негуваме на Академија. Најмногу се пронаоѓам во домашните забавни песни, иако во последниве години особено ја  негувам и чувам традиционалната музика од народите на некогашна Југославија. Можам да речам дека ги слушам сите видови музика па и оваа новокомпонираната. Музиката, генерално не ја делам на жанрови. Постои добра и лоша музика. Оваа полошата, присутна е  на секој чекор, а тешко доаѓаме до добра музика, но сепак во морето од лоши песни и текстови, секогаш исплвиува и некоја добра песна а со неа и добар изведувач. Како иден професор и пеагог по музичка култура, моја обврска е да негувам вистинска музика и идните поколенија да ги одгледуваме со квалитетна музика.

Како успевате да одговорите на сите Ваши многубројни обврски?

Претходно спомнав дека не можам често да одам на фестивали, но кога ми дозволува времето, со задоволство пејам секаде каде ќе стигнам. Музичката акдемија со себе носи многу обврски, работа, труд и секако одрекувања, како во мојот случај, но на крајот излегувате како комплетен и образован музичар, што денес е многу ретко меѓу пејачите. Секаде сум со музиката, каде и да погледнам, па на крајот тоа не се обврски туку чиста љубов. Член сум на Градскиот мешан хор во Маглај, додека студиите ги реализирам во Сараево. На проби одам во Маглај кога ќе сстигнам, а најчесто за викенд ги подготвуваме песните за нашите настапи и концерти. Присутен сум на сите хорски концерти од моето зачленување во хорот. Мислам дека тоа сосема доволно зборува. Колку и да сте далеку и со големи обврски, секогаш можете да најдете време за она што го љубите.

Учествувавте на неколку фестивали во Србија и Босна и Херцеговина, а еве сега настапивте и во Македонија. Каква е музичката сцена во регионов, според вас?

До сега сум посетил многу фестивали како во БиХ, така и надвор од границите на татковината. Со музиката сум од детство, од разните детски фестивали па се до сега. Сум настапувал во повеќе градови како  Маглај, Зеница, Сараево, Зепча, Завидовиќа (БиХ), Пожега, Белград (Србија), Скопје и Крупево (Македонија). Имав и успешен солистички концерт на Тврдината во Маглај кој беше органзиран во рамките на фестивалот „Студентско лето“. Тоа е посебно доживување, да се видат стотици луѓе кои пеат заедно со вас. Посебно задоволство е да ги гледаш лицата на своите сограѓани кои по концертот срдечно ви честитаат на интепретацијата и на изборот на песните. Сѐ што сум постигнал досега, како во основното музичко училиште, така во средно училиште и  сега на факултет и го должам на мојата наставничка Хана Чизмиќ и нејзиниот сопруг Динко Чизмиќ.

Музичката сцена не е блескава на неиден дел од Балканот, но секако постојат интепретатори и автори кои не можат да заблескаат од  сите шоу програми кои постојат. На нашите простори имаме хиперпродукција на песни кои траат неколку месеци и потоа многумина ги забораваат, па и јас ги заборавам. Меѓутоа, и без разлика на постојаното силување врз нас музичарите со нови неквалитетни песни, сепак добрата песна ќе си го наде својот пат до слушателот.

За крај на нашиот разговор, дали би сакале да споделите со нашите читатели, какви се вашите планови и во кој правец сакате да се насочите?

Би сакал наредната година, кога ќе го препрочитувам ова интервју веќе да бидам дипломиран музички педагог. Факултетот засега ми е на прво место, додека останатите работи сепак можат да почекаат. Се гледам како личност кој добро ќе ја познава музиката и сите нејзини особини. Сакам на новите генерации да му го пренесувам моето знаење, да ги подготвувам за натпревари и фестивали, како што моите професори сега го прават тоа. Секако ќе се потрудам да ја остварам целта во правец на псотавување на повисоко ниво на музиката која ја изведувам. Не си прогнозирам себе си голема кариера, но би сакал да постигнам ниво секој што ќе дојде на мојот коцерт да дојде заради моите изведби, начинот на пеење и заради изборот на песните, а се надевам дека во иднина ќе имам и свои авторски композиции.