Макфест

Пишува Валентина Георгиевска-Парго

Макфест 2018 би и помина. На половина месец по неговото одржување можеме постфестум на раат да коментираме. Генерален впечаток и коментари се дека – не бил добар за некогаш, дека имало смена на генерации учествуваа претежно млади и се уште неафирмирани изведувачи, победи Антонија Гиговска, неколку песни потоа станаа хитови и се слушаат на радио станиците (Победничката Никогаш не вели никогаш,песните изведени од Роберт Билбилов, Игор Узунов, Александар Тарабунов, Џокси…). Ако сакаме да поразговараме отворено и комплетно, зошто Макфест некогаш и Макфест денес не се исти, да ги разложиме нештата. Макфест е легитимниот македонски фестивал, антологија, каде се негувале и растеле никулците на популарната забавна музика. Иако стариот Скопски фестивал пред да се појави Макфест ги дал едни од најубавите евергрини, Макфест во таа смисла, е познат по “чудото” што од прв чекор го претркал дури и Скопскиот и станал познат по својот квалитет и хитови во регионот. И ги имал најквалитетните пејачи и автори од земјата и регионот. Публиката, која некогаш го следела Макфест не може да се помири со сегашниот, и тоа е факт. Исто како момче кое ја имал најубавата и најдобра девојка и кога ја изгубил ја (не)преболува сиот живот. И не може да ја преболи. Но, што е тука е. Стариот добар Макфест од своите златни времиња, до сега,  доживеа огромни трансформации. Кон полошо. Кон “тапа”. Некогаш настапувачи и автори беа најдобрите, а селектори, директори и стручна жири комисија беа најистакнатите, најплодни и најквалитетни академски музичари. Со титули Маестра и големи достигнувања во својата професија. Нелојални коалиции, местенки, немаше. Гласаше публика, исклучиво по свој вкус. Пејачите во тие денови беа ѕвезди, и сосема рамноправни со големите  екс југословенски пејачи кои доаѓаа (Хелена Благне, Кемал Монтено, Зорица Конџа, Симона Вајс, Кичо Слабинац, Иво Патиера,  Поп дизајн, Владо Калембер, Зафир Хаџиманов, Бисера Велетанлиќ, Ален Славица, Зерина Цокоја, Дубравка Јусиќ, Даниела Мартиновиќ, Тајчи, на која и беше дебитирање на фестивал…). Гламурот се состоеше и во недопирливоста на ѕвездите, кои дечињата деноноќно ги чека пред хотелот Астибо да им земат потпис, но и во посетувањето на највисоки преставници, а доаѓањето на претседателот Киро Глигоров и громогласниот аплауз, го означуваа почетокот на финалната, од трите вечери. Се беше магија, се беше како во сон. Пропаѓањето следеше потоа, кога дојдоа дивите, ги избркаа питомите.

Првиот удар за Макфест беше намалувањето на парите од спонзорите, вториот и посилен удар беше насилното узурпирање од рацете на директорот кој стана култ, Стојан Троицки, со самото тоа што во негово време Макфест беше вистинскиот и тоа беше златното доба.Беше фигура која менаџира,а не марионета. Фестивалот во кој децении вложуваше целото општество и ги направи најголемите хитови, значајни за нацијата, беше грабнат одземен и лиценцата доделена на , некои ја нарекуваа, банда. Банда естрадни профитери.Во тоа време, публиката се откажа од фестивалот, се изгуби интересот, падна, па имаше години, деценија, кога навистина ниту некој знаеше ниту беше важно кој победил на Макфест, ниту кој воопшто пеел, на таа  чиниш приватна журка. Иако пред тоа победникот на Макфест преку ноќ стануваше ѕвезда, а песните влегуваа во антологија

Потсетете се на – Свирете ја зајди зајди, Кога те нема, Твојте очи сине, Ангели ме носат, Долга ноќ, Петко, Кој да ти каже Ивана, Ѕвона ѕвонат, Самба во Штип, Осамен, Валерија, Ти си тој, Да си мерак песна, Таму кај што си, Време за плачење, Признавам…Во тие годинни на Макфест немаше спиење од мераклиски дружби, заедничко мезење пастрмајлии, слушање музика. Кога дојде време на узурпацијата немаше дружења, да се биде во прес центарот беше исто како во зона на самракот. Годинава тоа беше главната разлика, позитивна енергија и раздвиженост се чувствуваа во  прес центарот,иако по обичај освен пејачи автори и новинари, влетаа и старлети, секретарки и други профили. Но од друга страна, новинарите коментираа дека среќа оние автори што местеле не се задржуваат во прес салата, од срам да погледнат во очи. Шегите настрана, Макфест годинава доживеа нагло смена на генерации. Најголемиот дел пејачи беа под 20 години. Макфест и некогаш ги имаше младите во тоа време Тања и Лидија Кочовски, Маргарита Христоца, Олгица Христова, Силви бенд, Тања Станковиќ, но тие се разликуваа една од друга по специфичните и оригинални интепретации. Не беа копи пејст. Во тоа беше и убавината и шармот на фестивалот. За некогаш ви гарантирам дека победите беа легални и легитимни. Ги гласаше публика во салата, кога главно беше составена од посетители со купени билети, не гратиси. Па логично е за свои пари да си гласаш како што сакаш. Освен што жири комисијата беа академски и објективни професионалци, кои држеа до своето реноме,и директорот на дозволуваше  ништо да избега од контрола. Се сеќавам дека не беше дозволено  еден човек да купи повеќе од 4-5 билети, а  кога голем бизнисмен купи билети и сите 40 тина ги стави во кутијата на својата млада миленичка, во истиот момент директорот го викна во својата канцеларија и од кутијата ги извади и поништи билетите. Дека не можеше да се мести говори и моментот кога постар пејач неколку дена паничеше дека  продукција ќе намести победа за младиот и омилен пејач, но на крај победи тој-паничарот. Чинам, тоа беше и последниот одличен фестивал во кој сите песни беа ТОП. Потоа…Има многу да се зборува за Макфест, за жал малку да се слуша. Повторно треба зацврстување на темелите а господинот Троицки заслужува да е барем почесен Директор во иднина. Тој во свое време даваше простор  на сечија убава песна од разни креативни автори, денес фестивалите ги имаат земено неколку естрадни шеми, чии авторски имиња ги среќаваме на сите фестивали. И тоа со потрошени и бајати форми и идеи. И затоа композициите се слични а текстовите “Те сакам,ме сакаш, си одиш, се враќаш”. Секој далеку подобри и посвежи текстови понудија  пејачите кои сами си напишале текст. Можеби затоа изоста награда за текст.А некогаш имаше текстови,чиста поезија, шекспировски.

Текстот на првата песна “Старо купувам” од Ацо Шопов, опеан и изведен на првиот Макфест како прва песна, повторно на сцена ја испеа Дарио. Тој имаше свое емотивно шоу со негови хитови кое ја допре публиката. Тоа беше најубавиот дел. Обели образ. Одиме на шпекулациите. Шпекулација број еден-Првонаградената. Иако имаше  најмоќна интерпретација шпекулациите не ја одбегнаа. На победничката , наводно, и помогнало благодарение тоа што не била исплатена за мјузиклот Тајно моја,кој беше оценет како многу скап и неисплатлив. Се зборуваше дека наводно “некој” ја мести и за Евровизија, нешто што слушнав уште во Лисабон и не верував,но естадата очекува фер и конкурентен избор. Второнаградениот. Втора шпекулација, е дека Роберт Билбилов, еден од многу ретките автори кои со своите песни успеа да излезе од сенката на својот славен татко (и воопшто за стеќа не можеме да го сместиме во патетичната естрадна рубрика Татковци и синови) направил одлична песна која требело да ја испее Тамара, со чиј вокал би грмнала моќно. Трета шпекулација дека една сосема просечна пејачка веќе  во зрели годино неможејќи да се помири со помладата конкуренција, и сметајќи дека не може да ја победи, побарала од организаторот да даде награда инаку немала да пее. Ако е ова точно, чест и почит не може да има со таков однос. (Хм, се прашувам што ли би се случило на времето некоја си пејачка му стегела таква уцена и услов на Троицки? ). И најсмешното. Кога во тебе е мобилот на пејач додека стигнува порака со честитки за модерната песна што ја компонирал и испеал. А тоа го пишува таканаречен менаџер  кој цело време кога сметал дека е силен му правел сопки, се јавувал по поткупливи естрадни новинарки медиумски да го оцрнуваат во весник. Менаџер кого на шега го нарекуваат картичките, парфемите, канта маслинки и банкомат бој, а кога сме кај респектот среќна околност за него била добрината на новинарка која упорно ја чекал да влезе бесплатно на концерти, па така влегол во естрадата. Кога сме кај респектот Макфест може и мора да биде лекција по респект. Ако некогаш за Троицки настапувачите биле ѕвезди, од глава не ми излегува една бедна сцена од времето кога бандата го имаше украдено фестивалот. По завршување еден од наградените посегна да земе кифличка од масата, а невоспитаниот директор узурпатор без срам го удри по рака. Не смеело да се касне се додека тој официјално не го означел почетокот на коктелот. Не му ја упропасти само вечерта на пејачот, кој огорчен си замина, им ја упропасти на сите. Никој не сакаше да земе од масата, потоа. Го упропасти и споменот. Оваа година на богатиот и пријателски коктел наздравував и се радував што можеби има надеж за Макфест, пак да биде барем дел од она што некогаш беше.

Извор https://infedream.wordpress.com