Љупчо Ристески, автор на аматерскиот документарен филм „Клучарот Цако”, е добитник на гран-при „Плакета Милтон Манаки” на 26.Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм „Камера 300″ што се одржува во Битола. Според информациите од организаторот, изборот е направен во конкуренција од 52 документарни филма на автори од повеќе европски држави.

Жирито одлучи „Златна камера 300″ да им се додели на авторите Драго Латиновиќ и Илија Галоња од Србија, кои на фестивалот во Битола настапија со документарниот филм „Зов”. „Сребрена камера 300″ ќе добие Ема Лазарова за документарецот „Никогаш повеќе”, додека „Бронзена камера 300″ освои Ролф Мандолеси од Италија со филмот „Без смисла”. Tрадиционално, жирито одлучи да додели и награди „Златен медал на УНИКА”, Плакета на Општина Битола, Плакета за монтажа, идеја и репортажа, а Плакетата за режија, која се доделува во чест на Драги Савевски, годинава ќе му биде доделена на Радован Ѓериќ од Србија за филмот „Банатски блуз”.