Седум претстави од исто толку земји ќе учествуваат на 12. Интернационален театарски фестивал „Скупи”, што ќе се одржува од утре до 30 октомври во Младинскиот културен центар.

Селекторот Сенко Велинов  на прес-конференцијата одржана вчера , рече дека претставите што ги носат на „Скупи“ се според можностите што им ги дозволува  буџетот, а целта како и во изминатите изданија е да поканат театари што не гостувале и претстави што овде не се видени.

Под мотото „Преку границите“, фестивалот ќе биде отворен вечерва  со претставата „Татко ми го сакаше Адолф“ на Театарот од Гнилане од Косово.

Од четврток и во наредните денови на програмата се: „Крал Иби“ во продукција на Девет-фестивал од Белград; „Хамм-лет – студија на ненаситност“ на Малата компанија на Магнолија од Торино, Италија; „Опасни врски“ на театарот „Николаи О.Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија; „Мајка и дете“ на „М.А.М Фондација од Тирана; „Брашното во нашите вени“ на Саравески воен театар Сартр од Сараево и „Окупирај се“ на Независен театар „Проект чекална“ од Клуж-Напока, Романија,  со која идниот вторник фестивалот ќе биде затворен. На Фестивалот и годинава според традицијата нема претстава од Македонија.

Ќе биде доделена  и Гран-при награда за најдобра претстава, за која ќе одлучува тричлено меѓународно жири.