Сојузот на музичките уметници на Македонија-СМУМ му ја додели наградата „Златна лира“ за животно дело за 2018 година на виолинистот Михаило Куфојанакис, а за  достигнување во музичкото исполнителство во текот на една година (за 2017) и ја додели на  пијанистката Марија Ѓошевска.

Куфојанакис дипломирал во 1981 на Факултетот за музичка уметност, а постдипломски студии завршил на Државниот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во Москва во 1983 година. Настапувал на реномирани фестивали и манифестации. Еден е од основачите на гудачкиот квартет „Гајдов“ кој го предводел од 1989 до 1995 г. Бил концертмајстор на Македонската опера и балет од 2007  до 2009 и  на Македонскиот камерен оркестар под раководство на Ванчо Чавдарски. Во 1988 г. работел како професор на Новосадската музичка академија, а во 1989 г. на Приштинската академија. Од 1985 до денеска работи на Факултетот за музичка уметност во Скопје како редовен професор по виолина. Добитник е на низа престижни награди и признанија. Реализирал бројни трајни записи за музичката продукција на МРТВ.

 Пијанистката Марија Ѓошевска дипломирала (2002), магистрирала и докторирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Во 2010 година доби специјална награда од фондацијата „Томислав Зографски” и стана нејзин почесен член. Рецитално настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали. Често е ангажирана како камерен музичар и пијано-соработник со истакнати инструменталисти. Таа е член на пијано-триото „ВАМ” и дуото со пијанистката Елена Атанасовска. Реализира аудио- и видеоснимки за потребите на МРТВ. Хонорарен соработник е на Македонската филхармонија. Ѓошевска е вонреден професор на катедрата по пијано на ФМУ-Скопје.