Апсолвентот по театарска режија Горјан Аревски на Факултетот за драмски уметности во Скопје успеа да собере средства за изведба на претставата „Бела болест“ од чешкиот автор Карел Чапек, a pремиерно, ќе биде изведена  на 19 ноември во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.

Интересен е начинот на кој младиот режисер обезбеди средства з апретставата. Имено, Аревски пред неколку месеци започна онлајн кампања со која собираше средства, за да ја реализира претставата, откако не ја доби поддршката на институциите. И еве упорноста го доведе пред самата премиера.

Текстот „Бела болест“, напишан кон крајот на триесетите години на XX век, непосредно пред Минхенскиот договор, кој поголемиот дел од Чехословачка го става под нацистичка контрола, ја раскажува приказната за судирот на идејата за мир и демократија со идејата за војна и диктатура.  Текстот е објавен во 1937 година го предвидува започнувањето на Втората светска војна и доаѓањето на фашизмот на чело со Хитлер. Токму поради тоа, биле забранети театарски и филмски изведби на делото. Всушност и кај нас ова ќе биде прво поставување на драмата. Темата која ја третира можеби има најголем потенцијал и денес во 21 век да биде забранета затоа што дава страшна критика на лудилото на заведениот народ и злобната рационалност на владетелите.

Овој текст досега не е поставен во Македонија а за оваа изведба има актерската екипа составена од искусни, но и млади актери.Сценографијата е на Владо Данилов, за музиката се погрижи Ива Дамјановски, костимите се дело на Медина Хоџа, а целосната продукција ја реализира Марија Павлеска.