Дуетот Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески се добитници на наградата за животно дело на Прилеп што се доделува по повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Оваа награда, им се доделува поради достигнувањата на овие двајца музички уметници, по потекло од Прилеп, за промоција на македонската музика во светот.

Останатите добитници на плакети и дипломи кои се истакнале изминатата година за развојот на Прилеп се: прилепскиот „Ротари клуб“ за придонес во заедницата со изразено хуманитарна активност; здружението „Ромска солза“ за посебен придонес кон општествениот интегритет на ромската заедница и другите маргинализирани групи; „Центар за современа ликовна уметност“ за шестдецениското уметничко творештво и промоција на Прилеп низ делата на уметниците во земјава и странство; Џудо клубот „Сеишин“ за достигнувања во областа на спортот и 15-годишнината од неговото постоење, како и планинарско-спортското здружение „Козјак“, кое 80 години придонесува во развојот на планинарството и планинарските спортови.

Годинашни добитници на дипломи „3 Ноември“ се и: историчарот од прилепскиот музеј Рубин Белчески за неговиот општествен ангажман во областа на историјата;  д-р Владо Ѓорѓиески, за посебни достигнувања во медицината; Димитрија Чучуроски за посебен ангажман во занаетчиството и за одржувањето на Саат кулата; Сузана Николоска за достигнувања во областа на образованието и добиената награда за наставник на годината; уметникот Драгомир Михајлоски-Пижа за неговото творештво во областа на ликовната уметност; спортистката Теодора Ристеска за постигнувања во џудо- спортот и освоените 15 медали во текот на последната година; Снежана Паноска, за достигнувања во областа на литературата и пишаниот збор и објавените три збирки поезија;  спортистката Валентина Пурдеска за постигнатите резултати во карате спортот во последната година и во спремањето на кадри повеќе години наназад.

На објавениот конкурс за доделување на наградите пристигнале 35 апликации, а сите награди биле доделени едногласно.На годинешните добитници наградите ќе им бидат врачени на свечената седница на Советот на општина Прилеп, која ќе се одржи в сабота, на 3 ноември, во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ кога ќе биде одбележана и 74-годишнината од ослободувањето на Прилеп.

На денот на празникот на градот, ќе биде положено цвеќе и ќе им биде оддадена почит на загинатите борци и заслужните дејци: пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, на Кузман Јосифоски-Питу, идеолог на НОБ и Народната револуција, на Могилата на непобедените и пред споменикот во месноста Песјобрдце, каде се одвивале завршните борби за ослободувањето на градот во ноември 1944 година.