Филмската и видеопрограма на Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со  Амбасадата на Шведска во Скопје, вчераи денеска се претставува програмата „Препрочитување на Бергман“ во рамки на  промоцијата на современиот филм. Преку програмата посветена на Бергман, Музејот на современата уметност Скопје иницира чин на заедничко препрочитување на неговото творештво а програмата се фокусира на наследството на Бергман во современиот филм.

„Бергмановиот опус е творечки предизвик, но може да се чита и како популаризација на слоевитите филмски јазици. Веруваме дека програмата ‘Препрочитување на Бергман’ ќе отвори дискусија за вредностите и праксите кои се Бергманово наследство, користејќи ги токму неговите инструменти: сензибилност за преиспитување на моралните вредности, творечки пракси во услови на комплексни и флуидни јавни простори на дејствување, како и спротивставеноста помеѓу реалноста и илузијата”, изјави Кумјана Новакова, од Музејот на современата уметност во Скопје. „Препрочитување на Бергман“  почна вчеравечер  со проекција на филмот „Седмиот печат“ (Det sjunde inseglet).

Вечерва е посветена на нови автори и авторки кои го разгледуваат Бергмановото наследство во филмската уметност денес, па проекцијата на филмот „Бергман: една година од еден живот“, на Јејн Магнусон утре ќе биде проследена со разговор со Сесилиа Несен, продуцентка на филмот.