Вечерва на сцената на Театарот на Навигаторот Цветко од 20 часот ќе бид еизведена премиерата на претставата „Осамениот запад“ од Мартин МекДона Во режија на Јане Спасиќ, актерската екипа ја прават : Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев и Матеа Јанковска.

Оваа претстава е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори. Сценографија за претставата е на Енес Деари, костимографијата на Бранкица Јордановска, а текстот го преведоа Горјан Милошевски и режисерот Спасиќ.

Преку црн ирски хумор „Осамениот запад“ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен однос.„Осамениот запад“ е своевиден крај на трилогијата сместена во малото ирско гратче Линејн.

За авторот на текстот Мартин МекДона:

Тој е еден од најдобрите на британската современа драма, кој минатата година за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ доби награда „Златен глобус“ за оригинално сценарио за кое беше номиниран и за „Оскар“ во 2018. Четири негови драми, меѓу кои и „Осамениот запад“, се номинирани за најпрестижната театарска награда „Тони“.