Од вчера -6-ти нември во Кинотека па се до 11-ти -недела, ќе биде филмска недела посветена на Современиот дански филм. Стојан Синадинов во најавата истакнува дека: Современата данска кинематографија, во овој избор е претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет години, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење Догма 95 (Dogme 95, дански збор за догма). Движењето е основано од режисерите Ларс фон Трир (Lars von Trier) и Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg), кои го објавуваат манифестот и Заветот на чистотата.

Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот  на ова авангардно филмско движење (Dogme 95 Manifesto), секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата (Vows of Chastity; Kyskhedsløfter на дански јазик). И, останале ли „догматиците“ верни на нивната догма? Секако дека не! Догма 95 не само што не е проглас со железни правила на снимање, туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот?

Во македонската кинематографија има еден догма филм. Се работи за филмот „ БОЛИ ЛИ?„ (Does it hurt?, 2007 г.) на Анета Лешниковска, кој е и прв балкански догма филм, со Игор Џамбазов, Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Висар Вишка, Милијана Додевска

Првосвештениците на движењето набргу ќе сфатат дека сите правила, колку и да се авангардни, можат само да ѝ пречат на креацијата, па полека-полека ги напуштаат, ослободувајќи се од товарот на „револуционерноста“. А правилата од нивната библија велат дека не смеат да се носат реквизити на локацијата на снимање, туку може да се користат само затекнатите предмети и објекти; фотографијата и звукот мора да се снимаат заедно; не смее да се користи музика, освен ако не е дел од снимената сцена; камерата мора да биде од рака, без употреба на стативи; филмот мора да биде во боја, без дополнително осветлување, дозволена е употреба на само една лампа закачена на камерата; филмот не смее да користи филтри и графичка обработка, не смее да содржи површни акциони дејствија и оружје, и мора да се случува сега и овде, без жанровски одредници; форматот мора да биде 35 мм, резолуцијата 4×3 (не смее да биде вајдскрин, widescreen); и, на крајот (или почетокот, како сакате) режисерот не смее да биде потпишан на шпицата на филмот……..

На програмата се филмовите : „Часот на рисот„ , „Долга кратка приказна„ , „Природно растројство“ , „Посвета на љубовта„ ,„Розита„ и „Ќерката на вештерката„. Проекциите започнуваат во 20 часот.