Во рамки на петдневната турнеја во Шпанија, Македонската филхармонија одржа два концерти во градовите Сарагоса и Хуеска. Овации на крајот од двата концерта на Оркестарот на нашата Филхармонија, шпанскиот диригент Рикардо Касеро и солистот на виолина Ѓорѓи Димчевски .

На 30 октомври, во прекрасната сала Моцарт во Аудиториумот во Сарагоса, како и на 1 ноември во Конгресната палата во градот во подножјето на Пиринеите, Хуеска, македонските филхармоничари и врвниот Димчевски како солист блескаа со изведбите на Шпанска симфонија оп. 21 за виолина и оркестар од Едгар Лало, како и на Шпанска увертира бр. 1 од Михаил Глинка, сликајќи го шпанскиот дух, а како подарок за шпанската публика, пак, беше бисот, и изведбата на македонското дело „Пијан танец“ од Сони Петровски, посветено токму на нашата Филхармонија.

Овој настан беше од голема важност за промоција на Македонската филхармонија, но и на македонската култура воопшто. Концертите во Сарагоса и во Хуеска беа одлично посетени, а оваа турнеја е од големо значење особено за оркестарот на Македонската филхармонија, кој се стекна со искуство и остави убав белег пред Шпанската публика.

Инаку, во Сарагоса, оваа сезона настапуваат тројца македонски претставници – Македонската филхармонија, виолинистот Ѓорѓи Димчевски и во февруари во 2019 година, пијанистот Симон Трпчески.