Започна реконструкцијата на кровот на Спомен домот на Блаже Конески кој се наоѓа во неговото родно Небрегово, а беше отворен во 2005-та година. Подолг период куќата се наоѓаше во незавидна состојба бидејќи поради уништената кровна конструкција внатре течеше вода, а кровот беше покриен со најлони за да се заштити поставката. Сега со инвестиција вредна околу милион денари и соодветен кровен матерјал, почна да се прави реконструкција на кровот со што куќата ќе биде соодветно заштитена.  Оваа реконструкција се очекува да придонесе и за зголемување на бројот на посетители на Спомен Куќата, а материјалите кои се употребуваат за реновирањето биле далеку поквалитетни од претходните.

„Реконструкцијата на самиот објект е многу значајна како за објектот така и за презентирање на се што е вметнато во поставката на Спомен куќата која што е една од најрепрезентативните и е еден од најпосетуваните споменици и од учеици и од домашни и странски туристи. Сите тие артефакти кои се изложени се се автентични кои ги користело семејството на Блаже Конески“, зборува во својата најава до јавноста Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Инаку Заводот и Музеј Прилеп има поднесено иницијатива сите училишта во Македонија во своите редовни екскурзии да ја внесат куќата на Блаже Конески. Доколку се реализира оваа идеја над 300.000 ученици и студенти би го посетиле овој спомен дом, со што би станал еден од најпосетуваните музеи во Македонија.