Вечер во НУБ „Св. Климент Охридски“, Македонскиот ПЕН центар ќе ја промовира книгата есеи „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“ на својот член Данило Коцевски.

На промоцијата ќе  зборува  претседателот на македонскиот ПЕН центар Зоран Анчевски, а промотор на книгата ќе биде прозаистот и есеист Александар Прокопиев. Делови од книгата ќе чита поетот и критичар Ѓоко Здравески. На присутните ќе им се обрати и авторот на книгата, Данило Коцевски.

Книгата „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“ содржи низа критичкотеориски текстови посветени на феноменот на дадаизмот, од кој произлегува и насловот на книгата.

Авторот се осврнува покрај друго и на  феноменот „Зошто молчи критиката?“ во текстот „Пост-метафизиката и пост-критиката, предизвици на критичкиот дискурс денес“ како и  на актуелни проблеми и дејци во областа на современата теорија и уметноста.

Во книгата се застапени осврти и толкувања на теориите на плејада современи теоретичари, меѓу кои: Тери Иглтон, Жил Делез, Жак Лакан, Барбара Џонсон, Жан Бодријар, како и за најновата постхумно издадена книга на Мишел Фуко за сексуалноста.