„Во духовниот храм“ е насловот на првата самостојна изложба на македонскиот сликар Ерол Сулејмановски. Изложбата „Во духовниот храм“ на Ерол Сулејмановски ќе се отвори во петок (09.11.2018 г.) со почеток во 19 часот, во Музејот на Македонската борба за државност и самостојност.

Преку неговите дела кои ќе бидат изложени, посетителите на изложбата ќе имаат можност да го видат специфичниот пристап на уметникот за сублимирање од традиционалното кон модерното, преку виртуелна магична визуелизација.

Самите  наслови алудираат на темата од македонскиот живот. Дел од нив се „Македонка“, „Жетварки“, „Старо Скопје“, „Молитва“, „Три генерации“…

Познатиот македонски поет Мирче Нешовски за делата на Сулејмановски ќе рече дека тие имаат свој специфичен печат и код на магична илуминарна композициска поставеност.

-Сликарот со видот од неговото вешто изострено око и со бистрината во целата композиција, не пропушта од вид ниеден пластично насликан детаљ. Но, и кога има преливи на колоритот во широки рефлексии, сликарот не дозволува превид, стрпливо и чисто ги дава наносите на преливите на боите и колоритот и ни ја дава целосната грандиозност на рафинирана вонвременска слика врз длабочината на пречистената рафинирана плоха, се вели во критиката на Нешовски.

Сулејмановски по професија е дипломиран инженер по безбедност и здравје при работа, во сликарството е вљубен од своите најмлади денови, а на своите слики посветил 30 години од животот.