Вчеравечер, во центарот на Скопје се снимаше една од најефектните филмски сцени за најновиот долгометражен игран филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на Банана филм. Филмскиот сет беше отворен за македонските медиуми, кои можеа да посведочат на работната и беспрекорно креативна атмосфера во која беа вклучени поголемиот дел од актерите, кои играат во филмот.

Во Скопје синоќа падна пороен дожд, вештачки произведен за филмската сцена која се снимаше и во која актерот Петар Мирчевски во улогата на Ставре „доживува сообраќајна несреќа“, по која беше однесен со амбулантно возило во болница.

На сетот покрај режисерот и неговиот посветен тим зад камерите, беа присутни младите актери Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Тино Костадиновски… и секако актерскиот ветеран Петар Мирчевски, кој игра и во претходните четири играни филмови на Манчевски снимени во Македонија. Ова е негова петта соработка со најтрофејниот македонски режисер по кој повод изјави:

Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Испреплетени приказни за љубов и доверба – од македонското средновековие и од македонската сегашност – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.

Во Скопје деновиве се снима современиот, урбан дел од филмот, откако заврши снимањето на делот од 17 век. Режисерот Манчевски на паузата од сетот за медиумите изјави дека штотуку се вратил од 17 век каде што, рече, си поминал многу убаво со ликовите Донка и Милан.

 

Инаку, шестиот по ред долгометражен игран филм „Врба“ на Манчевски започна да се снима на 25 октомври во близина на прилепското село Крушевица. Во првите неколку недели филмот се снимаше во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец и во Преспанскиот Регион.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија.

Главните улоги во филмот ги играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември и е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

 

Фото: Александар Ристески