Кога на почетокот на 2002 година на доделувањето на Оскарите во Холивуд во терминот за прогласување најдобар филм од неанглиското говорно подрачје беше прочитан насловот НИЧИЈА ЗЕМЈА (Ničija zemlja/No Man’s Land) на Данис Тановиќ (Danis Tanović), секој втор наслов во медиумите во Босна и Херцеговина ги експлоатираше варијациите на старата изрека „Jebeš zemlju koju Bosnu nema“ („Ебати земјата што ја нема Босна“) најчесто во „Jebeš zemlju koja Oskara nema“ (Ебати земјата што нема Оскар).

Иако не е сè во Оскарите и останатите награди, изборот на насловите за Неделата на босанскохерцеговски филм во Кинотеката на Македонија е репрезентативен. Освен НИЧИЈА ЗЕМЈА, тука е и првенецот на Емир Кустурица СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ (Sjećaš li se Dolly Bell), кој доби „Златен лав“ во Венеција за дебитантски филм, како и филмовите кои ги одбележаа шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години не само во босанскохерцеговската, туку и целата југословенска кинематографија. БИТКА НА НЕРЕТВА (Bitka na Neretvi) на Вељко Булаиќ (Veljko Bulajić), кој бил номиниран за Оскар, ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ (Žena s krajolikom) на Ивица Матиќ (Ivica Matić) и ГЛУВ БАРУТ (Gluvi barut) на Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić) заслужено се дел од овој избор.

Босанците својата земја ја опишуваат како „Босна – поносна“. Секако, тоа важи и кога станува збор за филмот. Последниве децении можеби и најмногу кога станува збор за филмот…пишува Стојан Синадинов во најавата на Неделата на филмови од Босна и Херцеговина во Кинотека на Македонија која почнува утревечер 16-ти ноември се до 20-ти ноември.

Во рамки на програмата ќе бидат прикажани филмовите: „Ничија земја“, „Се сеќаваш ли Доли Бел“, „Глув барут“, „Битката на Неретва“ и „Жена со пејсаж“.