На аукција во „Кристис“ во Њујорк за 90 милиони долари, што е рекордна сума за жив уметник беше продадена славната слика на 81-годишниот британски уметник Дејвид Хокни, „Портрет на уметник (Базен со две фигури)“. Делото пред аукцијата било проценето на 80 милиони долари, а се продало по 10-минутно телефонско наддавање помеѓу двајца купувачи.

Претходниот рекорд го држеше американскиот уметник Џеф Кунс, чие дело во 2013 година се продаде за 58 милиони долари.

„Портрет на уметник“ првпат било изложено во 1972 година во Њујорк, а „Кристис“ го нарече „едно од најголемите ремек-дела на модерната ера“, а со вчераѓната продажба на аукцијата во Њујорк постигна светски рекорд за најскапо продадено дело на жив уметник.