Манифестацијата „Есенски музички свечености“, презентираат класична музика пред се од камерни состави а оваа година  на програмата реализираа и концерт на народна музика, кој беше посветен на доајенот на изворната песна, Никола Бадев. Вчеравечер салата на  МОБ, беше местото каде се славеше песната на доајенот на македонската музика Никола Бадев. Една од неговите запаметени изјави е таа кога на своите 58 години ја кажал „Песната е мојот живот“.

Никола Бадев (1918-1976) е меѓу најпознатите пејачи на изворни македонски песни, а бил и собирач на народни песни. Во 1948 година го освоил првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје, оставајќи голем впечаток кај етномузикологот Васил Хаџиманов по чија препорака во 1950 година ја почнал професионалната кариера како пејач и инструменталист на тамбура. Набргу станал член на Народниот оркестар, а подоцна бил и негов раководител. Забележан од истакнатите етномузиколози, Бадев за кусо време станал член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

За потребите на Радио Скопје, Бадев снимил над 500 песни, меѓу кои најпознати се: „Збогум, мајко, јас отидов“, „Ој, Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“ итн.

На концертот, насловен „Никола Бадев – 100 години од раѓањето, 70 години во етерот“, настапија: Гоце Цоневски; Круме Спасовски; Ванчо Тарабунов; Душко Георгиевски; Зуица Лазова; Наум Петрески; Виолета Томовска; Александар Тарабунов; Сузана Спасовска; Благоја Грујовски; Добрила Ивановска-Чабриќ; Бубо Каров; Трио „Гранде“; Елена Андонова и Мишко Крстевски, Оркестарот на Ансамблот за народни игри и песни  „Танец“ под раководство на Милан Завков и Изворниот оркестар на „Танец“ под раководство на Бајса Арифовска.