Утре, 9 ноември во организација на Првата детска амбасада Меѓаши, во хотел Карпош, ќе биде организирана Работилница за новинари, која има за цел да го доработи веќе започнатиот Кодекс на новинари, при известувања на деца жртви или сторители на насилство.

На работилницата ќе учествуваат новинари од повеќе редакции на електронските медиуми и порталите кои се пријавија а ќе биде организирана во четири сесии со разгледување на поедини случаи и усовршување на овој Предлог Кодекс. Тренери на Работилницата се М-рТатјана Гогоска и Лилјана Пецоска  Илиевска. Откако ќе се разработат, дополнат сите предлози, Предлог Кодексот ќе им биде испратен на сите медиуми и одговорни институции, кои се очекува да дадат свои забелешки и предлози, по што следи завршната работилница.

Првиот дел од Кодексот започна да се работи  минатата година во декември на тродневна работилница за новинари во Охрид.

Втората завршна работилница ќе биде одржана на 12 декември, со што овој документ веќе на почетокот на следната година ќе биде доставен до сите редакции, медиуми и одговорни институции.

Кодексот во печатена форма ќе биде доставен до сите редакции-вели Јана Зенговска одговорна за овој проект од Меѓаши. Се очекува негова примена и заштита со еден збор, на сите детски права при известувања кога се тие жртва или сторители на насилство.

Ова ќе биде втор Кодекс што го изработува „Меѓаши“ со подршка на новинари, после првиот, кој е Кодекс за известувања кога дете е жртва на семејно насилство.

И да се водиме од мислата: Кога ќе му помогнете макар на едно дете, можеби не сте ги спасиле сите деца на светот, но на тоа дете сте му го промениле светот.

За децата едноставно вреди да се работи и да се прават напори животот да им е полесен и поубав.