Книгата поезија за деца „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски, објавена годинава во Академски печат, деновиве ја доби меѓународната награда „Книжевно перо“ за најдобра збирка поезија за деца во регионов. Наградата му беше доделена во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Денови на пријатели на книгите“ кој по единаесетти пат се одржува во Риека, Република Хрватска, а го организира Хрватското книжевно друштво.

Книгата „Заедно да растеме“ содржи 38 песни поделени во два циклуси, рецензент е Љиљана Атанасова, автор на поговорот Горјан Петревски,  автор на илустрациите е Александра Ацеска, а лектор на изданието е Кристина Велевска.

„Заедно да растеме“ досега беше промовирана во Прилеп, Скопје, Битола и Штип. Најавено е и српско и хрватско издание на книгата и средби меѓу децата и авторот во Македонија, Србија и Хрватска.

Инаку, Филип Димкоски во рамките на фестивалот јапромовираше и својата книга поезија за возрасни „Во градината има само љубов“ во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“ со што зеде учество и во Деновите на македонската култура во Риека. На фестивалот „Денови на пријатели на книгите“, меѓу поетите учесници од  Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Шведска, Димкоски е единствен претставник од Македонија, а својата поезија ја претстави и на македонски и на хрватски јазик. Со песни и на македонски и на хрватски се претставија и авторките Милена Златеска од Пула и Мирјана Мајиќ од Задар, македонски кои живеат во Хрватска и творат на двата јазика.