Рецензија за книгите поезија од Татјана Гогоска

„Солза„ и „Сентиментални отпечатоци на едно време „ од Марија Јанчевска по повод промоцијата на двете дела во Салон 19,19 -на Културно-информативниот центар во Скопје

„Кога една солза ќе остави сентиментални отпечатоци на едно време „  така  некако и некаде, го пронајдов  спојот на двете дела на младата авторка, за подоцна откако ги прочитав и препрочитав, увидов зошто се две поетски дела. И двете се веќе со препознатлив стил на авторката, но различни во мотивот и поетскиот исказ.

Пред да ја отворам првата странцата на стихозбирката „Солза“, ја прочитав пораката на задната корица која гласи многу моќно а тоа е, „Врз труповите на животот расцутел молкот на тишината„…И веднаш ми дојде да се запрашам дали поезијата е на 12 годишно девојче или на некој возрасен, кој веќе се соочил со животната патека која знае да биде многу непредвидлива и тешка. Но, на првата страница објаснување дека впрочем оваа стихозбирка е инспирација од вистински случувања, што ги доживеала како што напишала авторката : „ мојата драга сосетка Доминика Поп Јанева , ми ги пренесе а јас ги запишав како поетски паметник “.

Веќе е се појасно. Поезијата на оваа книга е сместена во пет циклуси и тоа насловени како:Вресок, Како поморот на рибите, Луѓето со тажни погледи, Задишани спомени и Зборови со превртени значења.

Што кријат во нив овие поетски циклуси на младата поетеса ?

Во Вресокот од Татнежот на црното знаме, ќе ја допрете меморијата на судбината и кога ќе тргнете низ исконските височини, да ги пронајдете бескуќните биографии во сенките на погледите и ритмот на живите трупови, ќе се соочите со заблудата на денот и низ жигот на солзите ќе го почувствувате сосема неочекувано, спокојот кој  нарушува нешто тажно, нешто тешко и нешто мрачно.

„Го слушнав последниот ек

На  радиото кое ја соопшти веста.

Тој звук што ја

Распиа беседата на спокојот

Одѕвони со иницијалите на смртта

Огорчено се оддалечуваа

Соништата на новата ера.

Новите генерации беа предадени

на горката, темна, непосредна

близина на злоделото .

Не се едноставни и лесни овие стихови, што авторката ги споила како изблив на едни доживувања од едно време, кое остава мрачни сенки  бришејќи ги трагите, исто како Поморот на рибите, кој доведува до болка која :

… некако успева

Да ги закрепне солзите.

Вресоците од геноцидот пишуваат во меморијата

Не грижи се.

Бескрајот секогаш чека

Можеби барем метафорично некогаш ќе те пронајде…

 

И сега пак се прашувам, иако доживувањата се пренесени од искуствени спомени на сосетката, како младата да не кажам малата авторка Марија , успеала да ги доживее, да ги оживее преку пишаниот збор, за да ги доближи во една толку лесна, но толку тешка поетска форма. Исто пишува во Луѓето со тажни погледи. Многу длабоко навлегува во емотивниот порив на неразбирливите битија, за луѓето со железни лица некаде Под пепелта, каде, како што вели авторката :

Последните отпечатоци

На трајната вистина

Депонирани насмевки

На усните на љубовта

Под пепелта се крие.

Оттука низ задишаните јасно искажани зборови ја опишува Илузијата на смртта и запира кај Насолзената тага која завршува  со стихот:

Со солзите ги обложувам

Моите плачливи погледи

Во тишината ја запишувам оваа вечно насолзена тага.

И после сите овие стихови пак се прашувам, а одговорот е еден и единствен: Само Божјата бескрајна дарба и талент, му дава можност на едно сеуште дете, да се соочи и толку чисто и силно да ги пренесе овие трупови на нечиј живот, врз кој расцутел молкот на тишината, овој пат оживеан низ поетскиот израз на Марија Јанчевска.

И кога завршив со оваа рецензија се прашував што крие другата стихозбирка  насловена како „Сентиментални отпечатоци на времето „.

 

 

Таа содржи 57 песни во стихови напишани во веќе препознатливиот стил на едносложни песни на авторката, која книгата ја посветува на нејзините најблиски, мајката Оливера и татко и Сашо и  двајцата браќа Виктор и Сергеј. Има ли помило од тие најблиските со кои го делиш животот, и има ли поблагословено, ако домот е твојата оаза каде ја црпиш енергијата и креативноста а најмногу од се, едноставно среќата.

Јас од оваа стихозбрка издвојив една песна која ме привлече со единствениот оригинален наслов

ЕГОТО НА ПОЕЗИЈАТА

Словото се стреми

Кон утробата на вистината

Мигови на импулсивна регенерација

Многузначни споеви на мислите

Меѓу поетските зборови

Значењата стојат исправено

Пред лутината на предизвиците

Невидливо его ја надгризува потсвеста

Неразбирлива конверзација

Меѓу симболичните погледи…

Ритмичка стапка на тишината…

Ги спојува звуците на мелодијата,

Полека згаснуваат ѕвездите

Се топи темната боја на  небото..

Сето ова покажува дека Марија Јанчевска како литературен автор, досега само во рамки на поезијата има што да каже и покаже. Нејзините стихови не се бесмислено редење по звучност на зборови. Нејзините зборови се чувства, нејзините реченици се мисла јасно искажана, нејзините песни се пораки кои и понатаму треба да допрат и да се вивнат далеку во височините на поетскиот збор.